Првата стихозбирка на Ана Тодоровска насловена „Антисвет“ ќе биде промовирана на 14 септември во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје, со почеток во 19 часот. Промоцијата ќе се одржи во рамките на деветтото издание на фестивалот „Артерија“.
Книгата е во издание на „Илика“, од каде што велат дека „песните се поделени во два циклуса, при што Тодоровска со едноставен и благо саркастичен израз најпрвин го истражува внатрешното поврзување со себе, за подоцна фокусот да го префрли врз релациите со околината, влегувајќи во амбивалентни дијалози со градот“.
Тодоровска (1993) дипломирала на Институтот за психологија при Филозофскиот факултет во Скопје, а твори и како визуелна уметничка и поетеса. Нејзиниот интердисциплинарен проект „МРАК“ вклучува аналоген и дигитален колаж, асемблаж, употреба на рециклирани материјали и редактирана поезија.
Фестивалот започнува вечерва (12 септември) со претставувањето на книгите „Опашка од конец“ од Оливера Ќорвезироска, „Потклек“ од Љупчо Петрески и „небо трето“ од Ѓоко Здравески, а утре ќе се одржи панел-дискусија за македонската алтернативна музика низ годините.
На 14 септември ќе се разговара и за книгите „Микроскоп, телескоп, стетоскоп“ од Васко Марковски и „Збирно место“ од Тони Димков.