Осум бајки и басни што се дел од изданијата „Бајки од Македонија“ и „Басни од Македонија“ станаа достапни и на јапонски јазик. Бајките „Момчето што се скри во златното јаболко“, „Вејко Северко“, „Двата цара“ и „Девојчето и дванаесет месеци“ и басните „Војската на лавот“, „Лакомата меца“, „Кучето и зајакот“ и „Жабата и зајакот“ добија и автентична илустрација во јапонските изданија, со што уште повеќе им се приближуваат на јапонските читатели.
„Бајки од Македонија“ досега се преведени на седум јазици и на Брајовото писмо и се едни од најпродаваните книги за деца кај нас. „Бајки од Македонија“ и „Басни од Македонија“ се во издание на Движењето за креативност Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“, во соработка со издавачката куќа „Арс Ламина“.
„Фактот дека во ’Бајки од Македонија‘ отсега ќе можат да уживаат и најмладите Јапонци е најголемата награда за нашиот вложен труд, време и средства, но и најмоќен начин за ширење на македонската автентична култура низ светот. Продолжуваме со иста посветеност да создаваме нови успешни приказни“, истакна Ангелка Пеева Лауренчиќ од Извршниот одбор на Движењето за креативност Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“.
Во тек е и проектот „Современи бајки од Македонија“ и на конкурсот беа избрани бајките „Перуника“, „Бакнежот на пролетта“, „Сончевото момче Ил“ и „Осаменото дрво“.
Изданијата на јапонски јазик се дел од проектот „Град домаќин“, што го реализира Асоцијацијата за култура на градот Чагасаки.