Писателот Блаже Миневски ја доби наградата „Букстар“ за најзначајна книга меѓу двете изданија на истоимениот фестивал. Миневски е награден за збирката раскази „Опаш во устата“, во издание на „Антолог“.
„Во книгата како во магионичарски перформанс се преплетуваат традицијата и современоста, хуморот и горчината, реалното и фантастичното, историското и личното. Кај Миневски се особено уочливи виртуозното поигрување со нарацијата, оригиналноста во обработката на историските теми, камелеонското менување на стилот и способноста да се оживеат различни слоеви од видливото и невидливото. Со книгата ‘Опаш во устата’, Миневски не само што го потврдува својот раскажувачки глас како водечки во македонската литература, туку ја збогатува современата проза, создававајќи дело кое може да се пренесе и надвор од локалниот контекст“, велат од Фестивалот.
Наградата ќе биде доделена на отворањето на Фестивалот на 29 септември во Културно-информативниот центар (КИЦ) во Скопје, а книгата ќе ја претстави проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.