„Бункер“ го издаде графичкиот роман „ЛОУ – Берлинските години на Дејвид Боуви“ од германскиот автор и цртач Рајнхард Клајст, кој е дел од едицијата „Апсолутни почетници“. Ова дело се надоврзува на „Стармен – Годините на Дејвид Боуви како Зиги Стардаст“, што „Бункер“ го објави во 2023 и со него Клајст ја заокружува дводелната биографија на Дејвид Боуви.
Во 1976 Дејвид Боуви повлече драстичен потег и се пресели во Берлин, каде што повторно ги најде мирот, креативноста и инспирацијата за наредните албуми. Стрипот изобилува со интересни анегдоти, во кои се појавуваат некои од најхаризматичните претставници на поп/рок културата од 1970-тите и 1980-тите. Делото ни ја открива и пулсирачката музичка сцена во Германија од тој период.
Рајнхард Клајст е реномиран германски стрип автор, чии дела се преведени на повеќе јазици и освоиле престижни награди. Тој работел повеќе години на дводелната биографија на Боуви, а „Берлинските години“ излезе кон крајот на минатата година.
Преводот од германски јазик е на Марија Чорбева-Пеновска, а предговорот го напиша Игор Анѓелков.