ДО 30 СЕПТЕМВРИ ТРАЕ ПРИЈАВУВАЊЕТО ЗА НАГРАДАТА ЗА ИЗВОНРЕДЕН НАУЧЕН ПОТЕНЦИЈАЛ „ИВАН ЌОСТАРОВ“

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Отворен е повикот за наградата за извонреден научен потенцијал „Иван Ќостаров“, во вредност од 30.000 денари (околу 485 евра). Пријавувањето трае до 30 септември преку пополнување на формулар на линкот.

Наградата се доделува во соработка со проф. д-р Венка Симовскa во пресрет на 4. конференција „Наука за деца“.

„Со наградата и оваа година сакаме да стимулираме уште едно љубопитно и посветено дете да продолжи со љубов да чекори по патот на науката. Условите се: детето да е ученик/ученичка во 9. одделение во основно училиште во земјава, да ни кажете што конкретно сакате во науката, која научна дисциплина или вид на истражување особено ве интересира, зошто и како мислите дека науката може да придонесе за вашиот личен или за развојот на општеството,  кои се постигнувањата со кои најмногу се гордеете и за што би ги употребиле средствата од наградата“, велат организаторите.

Апликациите ги оценува стручно жири од научници кои стојат зад „Наука за деца“. Одлуката за доделување на наградата ќе биде соопштена на 17 октомври за време на конференцијата „Наука за деца“.

Во изминативе две години наградата „Иван Ќостаров“ ја добија Мила Порјазоска (2023) и Ангела Тунеска (2024), а шестмина финалисти добија стипендии и менторство (Јаков Грујовски, Теа Ангелова, Деа Атанасов, Софија Петковска, Деа Ивановска и Зоран Илијоски).

Фото: Од ланското доделување на наградата „Иван Ќостаров“