Од вечерва (1 јули) до сабота, Велес ќе живее со звуците на фолклорот. По 20. пат ќе се одржи Меѓународниот фолклорен фестивал во амфитеатарот во Младинскииот парк.
„Од септември работевме напорно за фестивалот. Имаме гости од осум држави. Имаме квалитетни учесници благодарение на тоа што сме членка на Меѓународното здружение на традиционалниот фолклор. Во случај на временски неприлики, настаните ќе се одржат во спортската сала на ОУ ‘Блаже Конески‘“, кажа Томе Јаневски, претседател на организацискиот одбор на фестивалот.
Гостите од странство се од Србија, Турција, Литванија, Германија, Мексико и Чиле. Учествува и ансамблот на Македонците „Јане Сандански“ од Мелбурн, Австралија. Гостите од Велигденскиот Остров, кој припаѓа на Чиле, доаѓаат со карактеристичен танц со ударни инструменти и со жичениот инструмент укулеле.
Од Македонија ќе настапат ансамблите „7/8“ од Скопје, „Јане Сандански“ од Неготино, „Тодор Јанев“ од Чашка и „Филиграни“ од Охрид, заедно со велешките ансамбли „Керамичар“, „Коле Неделковски“, „Вила Зора“, „Распеани велешани“ и „Распеани пензионери“.
Оваа манифестација во изминатите години привлекува најголем интерес кај велешани, кои летните вечери го исполнуваат амфитеаторот. Фестивалот започнува со дефиле низ улиците на Велес, кое ќе се одржи од 19 часот.
„Со овој фестивал се гордееме. Обединува различни култури, музики и танци, фолклор од многу земји. Велес пет дена ќе живее со звуците на народниот мелос“, кажа градоначалникот Марко Колев.
П. ПЕЧКОВ