ХЈУСТОН Е РАЈ ЗА ЉУБИТЕЛИТЕ НА КУЧИЊА СО 52 МИЛЕНИЦИ НА 100 ЖИТЕЛИ

САД, (АФП)

Американскиот град Хјустон слободно може да го понесе епитетот рај за љубителите на кучиња. Истражувањето што го споведе организацијата „Protect My Paws“ покажа дека во Хјустон има дури 52,1 куче на 100 жители, што е најмногу на светот.

Истражувањето било спроведено во 54 градови во светот, а при правењето на завршниот извештај биле користени две мерни единици: најмногу кучиња на квадратен километар и најмногу кучиња на 100 жители.

Со околу 1,2 милиони кучиња или во просек 52,1 на секои 100 жители, Хјустон ја предводи оваа листа. Следуваат главниот град на Швајцарија, Берн, со 47,7 кучиња на 100 луѓе и Хавана со просекот од 40,6 кучиња.

Топ-10 листата ја пополнуваат американските градови Сан Диего, Сан Франциско, Чикаго, Денвер и Филаделфија.

Кога станува збор за најмногу кучиња на квадратен километар, Хјустон е на деветтото место со 773. Оваа листа ја предводи Париз со 2.857 кучиња на квадратен километар, пред Буенос Аирес и Берн.

(Фото: Шатерсток)