НИКОЛАС КЕЈЏ ГО ИГРА СРПСКИОТ ШПИОН КОЈ НАВОДНО БИЛ ИНСПИРАЦИЈА ЗА ЏЕЈМС БОНД

Лос Анџелес, (Вараети)

Објавен е трејлер за филмот „Fortitude“, во кој Николас Кејџ го игра Душко Попов, Србин кој бил британски шпион за време на Втората светска војна и за кого се верува дека го инспирирал писателот Ијан Флеминг за ликот на Џејмс Бонд.

Трилерот за Втората светска војна на Сајмон Вест ја раскажува приказната за една од најсложените операции на измама во воената историја. Покрај Кејџ, во филмот глумат и Метју Гуд, Ед Скрејн, Бен Кингсли и Мајкл Шин.
Продукцијата го опишува филмот како акционо-авантуристичка историска драма базирана на вистинските настани од операцијата „Fortitude“.

Во трејлерот има неколку јасни алузии на Џејмс Бонд. Кејџ се претставува за првпат како „Попов, Душко Попов“ и нарачува вотка мартини „протресена, не измешана“.

Душко Попов бил роден во богато српско семејство. Бил коцкар и женкар кој зборувал неколку јазици и станал еден од најуспешните двојни агенти во Втората светска војна.

Според Би-Би-Си, Попов во раните 1940-ти бил врбуван од пријател кој работел за воената разузнавачка служба на нацистичка Германија. Сепак, тој не знаел дека Попов бил силно антинацистички настроен, па веднаш се обратил кај Британците и им ги понудил своите услуги, земајќи го кодното име „Агент Трицикл“.

Додека бил во Португалија, Попов го запознал Ијан Флеминг, офицер на британската поморска разузнавачка служба и се верува дека неговиот возбудлив живот го инспирирал да го создаде ликот на Џејмс Бонд.

Попов ја преживеа Втората светска војна без да биде разоткриен како двоен агент, а почина во 1981 на 69-годишна возраст.