Хрватската пејачка Северина објави три нови песни пред концертот во Скопје, кој ќе се одржи на 5 декември во „Т арена“. Музичката трилогија ја најави со песната „Не сум јас виновна“, со дополнителен наслов „Бесчувствителна“.
„Како што вели песната, јас не сум виновна. Ова е емотивна поп-рок песна. Мама ми шиеше фустан за на суд, но, за среќа, повеќе немам судења, па, еве, нека го видат фустанот“, рече Северина.
Со ова пејачката се пошегува на сметка на долгогодишните судски процеси со поранешниот партнер Милан Поповиќ околу родителската грижа за нивниот син Александар. Нивниот судски спор започна уште во 2013, а низ годините беа донесени повеќе различни одлуки за тоа со кого ќе живее детето и како ќе се остварува родителската грижа. Со последната одлука, судот во Сплит повторно им додели заедничко старателство на Северина и Поповиќ.
Режисер на спотот е Петар Пашиќ, музиката е на Бојан Васиќ, а текстот на Данијел Павловиќ.
Билетите за скопскиот концерт се достапни преку мрежата на Купи карта.