Зоран Спасов-Sоф ја промовираше својата нова книга „И јас сум Сирма“, за која кажа дека не е роман, туку нешто помеѓу сага и еп. Ова е петта книга на Спасов во издание на „Арс Ламина“, по „Тито, мојот претпоследен херој“, „Торонто експрес“, „Џабе живиш у Скопје“ и „Цепај сине: пошто џабе живиш у Македонија“.
На промоцијата во Младински културен центар тој истакна дека Сирма е всушност симбол за Македонија, а „И јас сум Сирма“ е приказна за Македонија.
„Сирма ме потсетува на некого, на мајка ти, баба ти, мајка ми, но најмногу од сè, ми личи на Македонија. Двете делат иста судбина, со секој здив, секој збор, со секоја реченица. Книгата има многу слоеви. Има многу пораки меѓу редови и многу ликови. Ова е една од ретките книги каде што на едно место ги има Страшо Пинџур, Нострадамус, Невена Георгиева-Дуња, Данте Алигери, Ибе Паликуќа и други и се сместени на местото каде што припаѓаат. Книгата е проследена и со сајт ijassumsirma.mk, каде што се објавени рецензиите и сите материјали поврзани со книгата, а има и проверка на фактите во книгата. Во книгата ве чекаат многу изненадувања, и пријатни и непријатни. Ако не се расплачеш, не си човек и ако не се насмееш, пак не си човек. Така ја пишував, со смеа и солзи“, рече Ѕоф.
Според него, Сирма е трагичен лик, со трагична судбина, како што е трагична и судбината на Македонија.
Уредничката на книгата Татјана Димовска-Атанасова кажа дека „И јас сум Сирма“ е најамбициозното дело на Ѕоф досега.
„Станува збор за своевиден книжевен експеримент, што може да се перцепира како хибрид, фрагментарен роман или збирка раскази, што можат да се читаат засебно и без одреден редослед. Жанровски е ситуиран како историска фикција, со примеси на драма, политички трилер, сатира, магичен реализам и дистопија“, рече таа.
Како што беше случај и со претходните книги, и заработката од продажбата на „И јас сум Сирма“ Ѕоф ќе ја донира во хуманитарни цели.