ИЛЈАДА ИЗДАНИЈА НА РАДИОЕМИСИЈАТА „РОЗЕ КАДИЛАК“ УТРЕ ЌЕ СЕ ОДБЕЛЕЖАТ СО МУЗИЧКО МАТИНЕ И КОНЦЕРТИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Розе кадилак“, една од најдолговечните радиоемисии во македонскиот етер, утре ќе го одбележи реткиот јубилеј на 1.000 емитувања со посебен настан во Младински културен центар во Скопје.

Од 12 часот, на платото пред МКЦ ќе се преслушуваат најголемите хитови од 25-годишната историја на емисијата, а од 21 часот ќе има концерти во кино Фросина, при што ќе настапат Волтер Мани Ал Хаким (проект на музичарот Владо Манчевски) и српската поп рок група „Ева Браун“.

Илјадитото „возење“ со „Розе кадилак“ беше во понеделникот на музичкото радио „Канал 103“, термин и фреквенција кои се непроменети од почетокот на емисијата. Првото издание е емитувано на 6 јануари 1997, од кога заштитен знак и глас на емисијата е Костадин Шурбановски-Шурбе, кој денес ја уредува и води заедно со Ангела Јовковска-Енџи.

Г. КОНЕВ