КАНАЛ 103 СО ЗАЕДНИЧКА ПРОГРАМА СО РАДИО „КАШМИР“ ОД БЕРЛИН

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Eкипа од Канал 103 ќе учествува во програмата „Радио дом“ со сестринското радио „Кашмир“ од Берлин.

„Програмата се развива како отворен процес на слушање, учење и истражување, обликувана низ живи и претходно снимени емисии, спонтани радиомоменти, разговори и теренски снимања. Започнува со воведно вклучување на 2 јуни во 19:30 часот, кое ги поврзува Скопје и Берлин, а завршува на 10 јуни со заедничка програма“, велат од Канал 103.

За време на престојот, Рина Јанкуловска, Теодор Симоновски, Матеј Борисов и Бранко Бјадов ќе го истражуваат радиото како медиум на заедницата и простор за поврзување, учење, експеримент и културна размена, како што велат, во еден поинаков, слободен и космополитски контекст. „Радио дом“ е дел од пошироката програма за одбележување на 35 години Канал 103 и продолжение на долготрајната соработка со радиото „Кашмир“.

„Проектот се реализира во период кога Стотројка ја создава својата програма во егзил, без пристап до сопственото студио. Резиденцијата е поддржана од програмата ‘Културата ја движи Европа‘“, велат од Канал 103.