Издавачката куќа „Арс Ламина“ преку својот импринт за детска литература „Либи“ ја објави првата сликовница без зборови во Македонија „(С)обувки“. Оваа сликовница ја раскажува својата приказна исклучиво преку илустрации, оставајќи му целосна слобода на читателот сам да ја досоздаде.
„По идеја на Оливера Ќорвезироска и со илустрации на Наталија Лукомска, оваа визуелна приказна нè води низ магична редица од обични луѓе и ликови од бајки и познати книжевни дела, кои боси чекорат кон најдобриот чевлар на светот. Таму секој ги пронаоѓа своите совршени обувки, освен девојчето од соседството, за кое остануваат чевли со високи потпетици. Но, на девојчето тие многу му се допаѓаат, ги обува и среќно излегува од приказната“, велат од издавачката куќа.
Книгата ќе биде промовирана на 20 февруари од 19 часот во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ во рамките на „Денови на литературата“. Покрај авторката Ќорвезироска и илустраторката Лукомска, на настанот ќе учествуваат и писателите Владимир Мартиновски, Елизабета Баковска, Ермис Лафазановски и Никола Маџиров, кои ќе ја „прочитаат“ книгата на свој начин.