ЈАПОНЦИТЕ СОЗДАЛЕ БАНАНА ЧИЈА КОРА СЕ ЈАДЕ

Токио, (Мешабл)

Јапонска компанија произвела и почнала да продава банани чија кора може да се јаде.

Дело на компанијата „ДТ фармс“, бананата наречена монгеј како хоби почнал да ја развива менаџерот на одделот за технички развој, Сетсузо Танака.

Тајната на кората лежи во одгледувањето на бананата во услови на температура од -59 Целзиусови степени, по што таа се одмрзнува и пресадува. На тој начин, плодот расте брзо, добивајќи кора со текстура на марула.

Компанијата тврди дека кората е богата со витамин Б6, магнезиум и со триптофан, што е дериват на серотонин, хормонот на среќа.

„Кората има малку вкус на кора, додека внатрешноста има силен тропски вкус, сличен на ананас. Бананата е најдобро да се јаде откако кората ќе ѝ потемни“, појаснуваат од компанијата.

Бидејќи е ретка, таа е и скапа, па една банана чини 5,75 долари и засега се продава само во една продавница.