КИНЕСКАТА ФИРМА „БЈД“ ЈА НАДМИНА „ТЕСЛА“ И СТАНА НАЈГОЛЕМИОТ ПРОДАВАЧ НА ЕЛЕКТРИЧНИ ВОЗИЛА

Њујорк, (Би-Би-Си)

Кинеската компанија „БЈД“ (BYD) за првпат ја престигна „Тесла“ на Илон Маск како најголем продавач на електрични возила во светот.

Продажбата на автомобилите „тесла“ се намали за речиси 9% во 2025, на 1,64 милиони примероци низ целиот свет, соопшти фирмата, со што втора година по ред бележи пад на испораките. Овие бројки ја ставаат „Тесла“ зад „БЈД“, која соопшти дека продажбата на нејзините автомобили на батерии се зголемила минатата година за речиси 28%, на повеќе од 2,25 милиони.

Продажбите на „тесла“ паднале за 16% во последните три месеци од 2025, што делумно се должи на укинувањето на владината субвенција што помогна да се намалат дури 7.500 долари од цената на одредени електрични и хибридни возила. Аналитичарите од Вол стрит неодамна ги намалија своите проценки за продажбите на „тесла“ за 2026, сигнализирајќи помрачна перспектива.

Кинеските фирми како „Гили“, „МГ“ и „БЈД“ извршија притисок врз западните конкуренти продавајќи поевтини возила од попознатите брендови.

(Фото: Гети)