КОЧАНСКИОТ БЕНД „КОРКА“ НА МЕЃУНАРОДЕН МУЗИЧКИ НАТПРЕВАР ВО БРИСЕЛ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Младиот кочански рок бенд „Корка“ вечерва (14 декември) ќе настапи на меѓународен музички натпревар во Брисел. „Корка“ ќе свири во финалето на настанот, во културниот центар „Ботаника“ со други млади бендови од Франција, Белгија, Норвешка, Шведска, Унгарија, Холандија, Велика Британија и Зимбабве. Натпреварот ќе може да се следи онлајн.

„Корка“ победи на фестивалот Здраво млади кој се одржа на 10 октомври во Младинскиот културен центар (МКЦ).

Оваа година во мај, излезе албумот „Корка“, а бендот одржа повеќе концерти во Македонија и во Србија.
Освен со својата музика, членовите на бендот придонесуваат за културната сцена со нивното организирње на настани во Кочани.

„Повеќето од членовите на бендот се средношколци, и беа движечката сила на дводневниот хуманитарен фестивал Расплет, кој се одржа кај Споменикот на слободата во Кочани. Фестивалот беше посветен на нивната другарка Сара Алексова, која беше и првата тапанарка на бендот, а го загуби својот живот во пожарот во дискотеката ‘Пулс“, велат од тимот на групата.