КОСОВО СТАНА ШЕСТА ЕВРОПСКА ДРЖАВА НА ЧИЕ ЧЕЛО СЕ НАОЃА ЖЕНА, ВЈОСА ОСМАНИ Е НАЈМЛАДА МЕЃУ НИВ

Приштина, (Дојче веле)

Косово е најмладата држава во Европа, па беше логично да го има и најмладиот шеф, поточно шефица.

Триесет и осумгодишната Вјоса Османи вчера беше избрана за нова претседателка на Косово, кое со тоа стана шеста држава во Европа на чие чело моментално се наоѓа жена. Иако нејзината улога е церемонијална, таа ќе биде врховна командантка на армијата и главна дипломатска претставничка на земјата.

Османи студирала право во Приштина, а докторирала на Универзитетот Питсбург во САД. Како спикер на парламентот, до март годинава служеше и како привремена претседателка на Косово по оставката на Хашим Тачи. Зборува англиски, шпански, турски и српски и вели дека обновувањето на разговорите за нормализирање на односите со Србија ќе ѝ биде приоритет, но и го повика Белград да се извини за војната од крајот на 1990-ите.

Таа е втора жена на функцијата претседател на Косово, по Атифете Јахјага (2011-2016).

Освен Косово, претседателка во Европа имаат и Молдавија, Грција, Словачка, Грузија и Естонија, додека Данска и Норвешка, кои се монархии, имаат премиерка.