ТРПЧЕСКИ СНИМА НОВ АЛБУМ ВО СКОПЈЕ СО ВРВНИ КОЛЕГИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Пијанистот Симон Трпчески со одбрана екипа колеги ги снима материјалите за новиот албум во студиото М1 на Македонската радиотелевизија, соопшти „КултурОп“. Новиот албум ќе содржи дела од современата класична литература за камерна музика: „Квинтет“ на Панде Шахов, специјално адаптиран за нив и „Дивертименто за секстет“ од францускиот композитор Гијом Конесон, во аранжман на перкусионистот Влатко Нушев.

„Со мене се дел од колегите од проектот ‘Македонисимо’, Нушев, Хидан Мамудов и Александар Сомов, како и нашиот врвен виолинист Ѓорѓи Димчевски и одличниот романски виолист Сорин Спасинович. Се надеваме дека албумот многу скоро ќе излезе под престижната етикета на британскиот ‘Лин рекордс’“, вели пијанистот во изјава за МТВ.

Изминатиот период, Трпчески во Берлин сними материјал за уште еден нов албум со солистичка пијанистичка литература од германски автори, што исто така ќе го издаде „Лин рекордс“.

В петок, Трпчески ќе настапи во Катовице со оркестарот на полското национално радио. Во план се и настапите со Оркестарот на Минесота во САД и концерт со Националниот оркестар на Франција во Париз на крајот од април. Наредниот месец најавени се рецитал во Лондон и концерт со Софиската филхармонија.