„Масив атак“ ја повлече својата музика од „Спотифај“ во знак на протест против одлуката на шефот на платформата Даниел Ек да инвестира 600 милиони евра во воената компанија „Хелсинг“.
Софтверот на „Хелсинг“, чиј претседател е Ек, користи вештачка интелигенција за анализа на податоци од бојно поле за да информира за воени одлуки во реално време. Фирмата произведува и воен дрон.
Британскиот бенд го објави ова во исто време кога се приклучи на новата иницијатива „Нема музика за геноцид“, во која повеќе од 400 уметници и издавачки куќи го блокираат стримувањето на нивната музика во Израел.
„Поради најавените значајни инвестиции на извршниот директор на ‘Спотифај‘ во компанија која произведува воени беспилотни летала и технологија за вештачка интелигенција интегрирана во борбени авиони, ‘Масив атак‘ упати посебно барање до нашата издавачка куќа нашата музика да биде отстранета од стриминг сервисот ‘Спотифај‘ на сите територии. Според нас, историскиот преседан на ефективна уметничка акција за време на апартхејдот во Јужна Африка и апартхејдот, воените злосторства и геноцидот што сега ги извршува Израел ја прави кампањата ‘Нема музика за геноцид‘ императив“, соопшти бендот.
Портпаролот на музичката платформа кажа дека „Спотифај“ и „Хелсинг“ се две различни компании и дека „Хелсинг“ не е вклучена во војната во Газа, туку е насочена само кон одбраната на Украина.
Фото: К. Попов