МАСОВНИТЕ ПУКАЊА ВО САД СТАНУВААТ СÈ ПОСМРТОНОСНИ

Лос Анџелес, (Ројтерс)
Law enforcement officials investigate a mass shooting at the First Baptist Church in Sutherland Springs, Texas, on Sunday, Nov. 5, 2017. NICK WAGNER / AMERICAN-STATESMAN

Масовните пукања станаа веќе редовна појава во САД и осамените убијци како да се натпреваруваат кој ќе влезе во историјата со повеќе жртви.

Девин Кели, кој пред неколку дена изврши масакр во црква во Тексас, зад себе остави 26 мртви, што го искачи на четвртото место на најсмртоносните напади со огнено оружје во САД.

Пред Тексас, еве кои други случаи ја шокираа американската јавност.

  • Чарлс Падок ги засени сите досегашни масовни убијци во САД, кога на 1 октомври годинава уби 58 и повреди 546 луѓе на концертот на кантри-ѕвездата Џејсон Алдин, пукајќи од 32. спрат на хотелот „Манделеј беј“ во Лас Вегас.
  • Во јуни 2016 година, Американецот со афганистанско потекло Омар Матин уби 49 луѓе и повреди 50-ина кога упадна во геј клуб во Орландо. Тоа беше најкрвавиот напад на територијата на САД од 11 септември 2001 и одговорност за него презеде Исламска држава.
  • На 16 април 2007, студент со корејско потекло уби 32 лица во универзитетскиот кампус Вирџинија тек во Блексбург, по што се самоуби.
  • Дваесетгодишниот Адам Ланза на 14 декември 2012 година уби 26-мина, од кои 20 деца, во основното училиште „Сенди Хук“ во Конектикат, по што изврши самоубиство.
  • Вооружен маж на 16 октомври 1991 година уби 22 гости во еден ресторан во Килин, по што се самоуби.
  • Брачна двојка со пакистанско потекло отвори оган на 2 декември 2015 година за време на божиќниот ручек во центарот за социјална грижа во Сан Бернардино, убивајќи 14 луѓе.
  • Воен психијатар уби 13 луѓе, кога на 5 ноември 2009 изврши напад во воената база во Форт Худ.
  • Маж со виетнамско потекло уби 13 лица во центарот за мигранти во Њујорк на 3 април 2009 година.
  • На 20 април 1999, двајца средношколци застрелаа 12 ученици и еден професор во средното училиште „Коламбајн“ во Литлтон, Колорадо.
  • Пукањето во канцеларијата на американската морнарица во Вашингтон остави 12 мртви на 16 септември 2003 година.