НАПРАВИВМЕ ПРЕТСТАВА ЗА ВАМПИРИ СО МНОГУ ХУМОР И ВЕДРИНА, ВЕЛИ РЕЖИСЕРОТ ТРИФУНОВСКИ ПРЕД ПРЕМИЕРАТА НА „НОСФЕРАТУ 2025“ ВО ШТИП

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Утре (12 јуни) од 20 часот, на сцената на Народниот театар во Штип премиерно ќе се изведе претставата „Носферату 2025“, во режија на Бојан Трифуновски. Тој кажа дека ваков тип на претстава била голема желба на претходниот директор на Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип, Филип Стевановски, кој загина во пожарот во дискотеката во Кочани, настапувајќи со групата „ДНК“.

„Пред да почине, Филип побара од мене да донесеме претстава со хумор и ведрина. Се одлучивме за ‘Носферату 2025‘, но на еден балкански начин, инспирирана од вампирско семејство кое живее повеќе од пет века“, рече Трифуновски, за кого ова е втор проект во Штип.

За него, дефиниција за вампир нема, затоа што вампирите се измислени и со една таква имагинација, заедно со креативниот актерски ансамбл на штипскиот театар, направиле комедија која содржи многу хумор, сатира и ведрина.

Претставата е целосно финансиски поддржана од Министерството за култура и туризам.

Т. ЈОВАНОВСКИ