Промовирано е новото издание на списанието „Велес“, кое излегува еднаш годишно. Списанието пишува за Велес и велешани, роднокрајни теми, а автор може да биде секој кој работи и пишува за градот.
„Радува фактот што го имаме новиот број на списанието, од причина што зборот, говорот, мислата ќе отпатуваат, ќе ги снема, ќе ги заборави времето. Затоа печатениот, пишан збор е вечна трага која сведочи низ вековите за традицијата, за континуитетот на еден народ, за едне држава, култура, цивилизација. Во овој број помеѓу сите текстови е и еден на истакнатиот македонист Горан Калоѓера, кој пишува за Рацин. Од духовната културна ризница се текстот ‘100 години велешки поштенски картички’ на Виктор Габер и Зоран Стрезовски и податокот дека пред век и повеќе во Велес имало десетина издавачи“, кажа промоторот д-р Васил Тоциновски (фото десно).
Ова списание се занимава со историјата, традицијата и континуитетот на велешкото духовно и материјално живеење. Неговото издавање го покренаа пред 26 години академик Александар Спасов и историчарката Вера Весковиќ-Вангели. Списанието го издава Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ од Велес.
Промоцијата на 26. број беше во родната куќа на Рацин и е дел од содржините на 62. Рацинови средби.
П. ПЕЧКОВ