„АЈРОН МЕЈДН“ СТАНА САМО ПЕТТА ГРУПА КОЈА ДОБИЛА СВОИ ПОШТЕНСКИ МАРКИ ВО БРИТАНИЈА

Лондон, (НМЕ)

Легендарната хеви метал група „Ајрон мејдн“ доби своја колекција поштенски марки во Велика Британија. Таа е петтата музичка група на која Кралската пошта ѝ укажа ваква чест, по „Битлс“ во 2007, „Пинк Флојд“ во 2016, „Квин“ во 2020 и „Ролинг Стоунс“ во 2022.

На осум од 12-те специјални марки се актуелните членови на групата, а останатите четири се посветени на култната маскота Еди.

Марките содржат селекција фотографии од настапите на „Мејдн“ во периодот од 1980 до 2018.

„Сите бевме апсолутно воодушевени кога првпат слушнавме за овој комеморативен проект и буквално останавме без збор кога ги видовме марките. Изгледаат феноменално и навистина ги доловуваат суштината и енергијата на ‘Мејдн‘“, изјави басистот и еден од основачите на групата Стив Харис.