Пејачите Наум Петрески, Сузана Спасовска, Зуица Лазова, Горан и Ленче Кукиќ и музичарите Катарина Броња (флејта) и Дино Имери (пијано) ќе настапат на концертот „Миланова игра“, кој ќе се одржи на 27 март од 20 часот во Филхармонијата во чест на Милан Завков. Концертот ќе биде музички омаж на еден од најзначајните македонски композитори и музичари.
„Настанот ќе биде свечена вечер во која дел од неговите најпознати ора и песни ќе прозвучат во нов музички израз, изведени од камерен оркестар специјално оформен за оваа пригода. Со овој концерт, неговото богато музичко наследство ќе биде претставено преку современи оркестарски интерпретации што го спојуваат традиционалниот македонски мелос со нови звучни пристапи. Програмата ќе опфати избрани вокални и инструментални композиции од опусот на Завков, преработени од Дамир Имери и Дарко Илиевски“, вели организаторот „Баги комуникации“.
Водителка на концертот ќе биде Ирена Спировска.
„Милан целиот свој живот го посвети на негувањето и афирмацијата на македонската народна музика и фолклор. Тој веруваше дека народната музика е жива материја која треба да се негува, но и да се развива. Еден ваков концерт беше негова голема желба: преку неговата музика повторно да се создаде мост помеѓу македонскиот народен мелос и современиот уметнички израз“, велат од семејството Завкови.
Милан Завков беше врвен хармоникаш, композитор и аранжер, првенец и долгогодишен раководител на оркестарот на ансамблот „Танец“. Ненадејно почина на 7 февруари 2023.
Билетите за концертот се продаваат преку мрежата на МК тикетс.
Фото: Милан Завков заедно со Виолета Томовска ја сними песната „Заиграј со мене ти“