ПРОМОВИРАН РОМАНОТ „ЦРЕША“, ЧЕТВРТО ДЕЛО НА АЛЕКСАНДАР САШКО КУКУЛЕВ

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Романот „Цреша“ од Александар Сашко Кукулев беше промовиран во неговиот роден Велес, во фоајето на театарот. Ова е негова четврта книга, издание на „Пресинг култура“ од Скопје.

За промоторот Огнен Неделковски романот е возбудливо и повеќеслојно дело, кое се чита во еден здив.

Танцувајќи по нотите на едно старо проклетсво, авторот создал моќна животна приказна, со полнокрвни ликови, кои се борат за секој свој здив. Во романот се испреплетуваат двете вечни приказни, за љубовта и смртта, секој влече на своја страна и ги растргнува ликовите во романот. Тие посакуваат да сакаат, да бидат сакани и среќни. За возврат го добиваат суровиот камшик на судбината, со кој во секунда се рушат сите нивни соништа, желби и планови“, кажа Неделковски.

Кукулев е автор на романите „Патувањето на Петер Келеман“, „Како избравме американски претседател“ и „Водена приказна“.

Раскажувам драматична состојба на современо македонско семејство, кое живее со проклетството од 1922 од Егејско. Ова би го кажал за романот пред десет дена, што како порив го имав за да го напишам. Но, по рецензиите на промоторите, ја гледам поголемата слика и зборувам сосема друго. Ова е една длабоко македонска приказна за Македонија од почетокот на 20. век до денес“, кажа Кукулев.

Промоцијата на романот „Цреша“ беше дел од содржините на 62. Рацинови средби.

П. ПЕЧКОВ