ПРОНАЈДЕНА ЖЕЛКА ЗА КОЈА 110 ГОДИНИ СЕ ВЕРУВАЛО ДЕКА Е ИСЧЕЗНАТА

Лондон, (Гардијан)

Желка која не е видена повеќе од 110 години и за која се верувало дека е исчезната е пронајдена на островот Фернандина на Галапагос.

Женка од џиновската желка фернандина е забележана во неделата од заеднички тим на националниот парк Галапагос и на американската организација „Галапагос конзерванси“. Тие веруваат дека може да има повеќе примероци на островот поради пронајдените траги и измет. Желката, за која се претпоставува дека е стара повеќе од 100 години, е однесена во центар за размножување на островот Санта Крус.

Фернандина досега се наоѓаше на листата на високо загрозени, односно можно исчезнати животински видови. Единствениот жив примерок бил пронајден во 1906 година.

„Ќе бидат потребни повеќе од една, но женките можат да складираат сперма на подолг период. Можеби има надеж“, изјави Стјуарт Пим, професор по конзервациска екологија на Универзитетот Дјук.

Фернандина е третиот најголем остров на Галапагос и дом на еден од најактивните вулкани на светот.