СКОПСКИОТ ДРАМСКИ ТЕАТАР СО „ИФИГЕНИЈА ЗА НИШТО“ НА ФЕСТИВАЛОТ „СТОБИ“ ВО ВЕЛЕС

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва (4 ноември) со претставата „Ифигенија за ништо“ на Драмски театар од Скопје завршува натпреварувачкиот дел од 22. Фестивал на античка драма „Стоби“. Претставата се игра во велешкиот театар „Јордан Хаџи Констатнинов-Џинот“ од 20 часот.

„Ифигенија за ништо“ е работена по текстот „Ифигенија во Авлида“ на Еврипид. Тоа е современа адаптација на античката трагедија која се фокусира на личните и семејните конфликти што произлегуваат од жртвувањето во име на „високи цели“. Базирана на митот за убиството на светиот елен на божицата Артемида, оваа постановка користи елементи од физичкиот и танцовиот театар.

Режијата, кореографијата и адаптацијата се на Филип Петковски. Играат Нина Елзесер, Димитрија Доксевски, Филип Трајковиќ, Јелена Жугиќ, Стефан Вујисиќ, Сара Климоска, Томислав Давидовски, Ивана Павлаковиќ, Ања Митиќ, Јована Спасиќ, Александра Павлова-Бубања и Јована Миладинова.

П. ПЕЧКОВ