Со хуманитарна аукција на дела од млади македонски уметници започнува со работа Фондацијата „Фросина Кулакова“, основана од семејството на трагично починатата млада дизајнерка од Неготино, која беше прегазена на пешачки премин во Скопје на 29 јануари 2025.
На 29 јануари од 19 часот, во клубот „Станица 26“ во Скопје ќе се одржи донаторската вечер „Нишки светлина“, кога ќе бидат изложени дела од македонски уметници и креативци, кои ќе се продаваат на хуманитарна аукција. Собраните средства ќе бидат наменети за обезбедување психосоцијална и правна поддршка за семејствата погодени од сообраќајни трагедии, активности за унапредување на безбедноста во сообраќајот и културата на одговорност и за поддршка на млади уметници и креативци.
Истата вечер ќе се промовира песната „Фросина“, која ја испеа женскиот хор „Фрида“, кој го води Сузана Турунџиева. Баладата посветена на Кулакова ја напишаа Огнен Неделковски (текст) и Александар Митевски (музика и аранжман).