Утре (19 септември) од 20 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје ќе биде претставена книга со собрана поезија од поетот Игор Исаковски (1970-2014), на 55-годишнината од неговото раѓање. Издавач на книгата насловена „Совршен поет“ е „Или-Или“ и на 700 страници е собрана поезијата на еден од најзачајните и најпознати современи македонски поети.
„Препрочитувањето на поезијата на Игор за мене беше еден долготраен, тегобен и мачен, но и неверојатно просветлувачки процес, едно од оние животни искуства кои некако го менуваат човека. Читањето на овој обемен корпус стихови што се мрачни, љубовни, еротски, безобразни, сурови, цинични, алкохолизирани, повторливи, баладни, епски, сатирични, филозофски, осамени, гневни, возбудливи, ритмични, екстатични, телесни, отуѓени, бунтовни, помирливи, животворни, смртоповикувачки, разурнувачки, бесни, смирувачки, роморливи и обилни, но никако невпечатливи, рамнолиниски и занемарливи беше едно повторно, длабоко медитативно соочување со она што за Игор беше поезијата: чувствено продирање низ суштината“, вели уредничката на ова издание Елизабета Баковска.
Фотографиите во книгата се на Сашо Димоски, дизајнот на корицата е на Марија Смилевска, а графичкото уредување на Светлана Кочовска-Стевовиќ.