СТУДЕНТКАТА ЧАРНА НЕВЗАТИ ЌЕ ЈА ПРЕТСТАВУВА МАКЕДОНИЈА НА „МИС НА СВЕТОТ“ ВО ИНДИЈА

Скопје (СМАРТ СДК.МК)

Дваесетгодишната Чарна Невзати ќе ја претставува Македонија на изборот за „Мис на светот” на 31 мај во Хајдерабад, Индија, соопшти сопственикот на лиценцата Шаќир Села, кој е и сопственик на модната агенција „Даман” од Истанбул.

Чарна е студентка на Правниот факултет „Јустинијан Први” на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што освоила специјална награда за најдобар сценски настап „Бранко Ѓорчев“ и е победничка на Ораторската вечер „Иво Пухан“. Професионално се занимава со манекенство како дел од модната агенција „Макс Моделс”, со низа модни кампањи за познати домашни и светски брендови.

На изборот за „Мис на светот” ќе учествуваат 120 држави.

„Веруваме дека нашата претставничка ќе биде достојна амбасадорка на македонската убавина, култура и вредности на светската сцена и најдобро ќе ја промовира државата на светско ниво“, изјави Шаќир Села, кој минатата година за првпат по 15 години организираше избор на убавина во нашата држава.