Корејско-американската сопранистка Јуна Ли и пијанистот Кенет Клецјен ќе одржат концерт на 4 декември во 19 часот во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје, во организација на Охридско лето, надвор од редовната фестивалска програма.
Ли е меѓународно призната оперска уметница, позната по улогата на Чо-Чо-Сан во „Мадам Батерфлај“ од Пучини, која ја има изведено речиси 200 пати. Се образувала на Џулијард во Њујорк, а настапувала во Метрополитен операта и Вашингтонската национална опера. Нејзин сопруг и музички партнер е пијанистот Кенет Клецјен, кој исто така се образувал на Џулијард.
На концертот премиерно пред македонската публика ќе бидат изведени и дела од американски композиторки.
„Со овие концерти сакаме да покажеме дека Охридско лето не живее само во текот на фестивалските денови, туку дека нашата мисија продолжува во текот на целата година. На овој начин ја прошируваме нашата концертна дејност, отвораме можности за нови уметнички соработки и ѝ овозможуваме на публиката да ужива во настапите на еминентни музички имиња, надвор од летниот период“, вели директорот на Охридско лето, Ѓорѓи Цуцковски.
Годишната концертна програма ќе заврши на 7 декември во Охрид со предновогодишен концерт на бугарската сопранистка Илина Михајлова и италијанскиот пијанист и композитор Франческо Барбагелата.