На 28 март во Музејот на современа уметност (МСУ) од 12 часот ќе се одржи последното кустоско водење низ интернационалната изложба „Истокот е сè уште можен“, како дел од „МСУ водич“, предводена од кустосот Бојана Јанева.
Изложбата претставува продолжение на соработката помеѓу МСУ Скопје и МГ+МСУМ од Љубљана, започната со проектот „Ткаење светови: Колекции во разговор“, отворен во февруари 2025 во Музејот на современа уметност „Метелкова“. Кураторскиот тим го сочинуваат Бојана Пишкур и Мартина Воук од Љубљана, како и Ивана Васева, Благоја Варошанец, Ива Димовски и Владимир Јанчевски од Скопје.
Преку теми како тело, идеологија, иронија, утопија и докази, делата на бројни реномирани уметници, меѓу кои Марина Абрамовиќ, Јозеф Бојс, Казимир Малевич, Лајбах и други, воспоставуваат дијалог помеѓу минатото и сегашноста, отворајќи прашања за иднината на уметноста и општеството.
За време на посетата, публиката ќе може да ја разгледа и тековната изложба „Земјата која се промислува постојано…“, каде седум филозофи од различни делови на светот влегуваат во дијалог со седум уметници околу темата на Земјата. Куратор на оваа поставка е Рик Долфијн.
Цената на билетот е 150 денари. Музејот потенцира дека изложбата содржи материјали наменети за публика над 18 години.