ВАНЕ ГАВРОВСКИ ОД НОВО СЕЛО ДОБИ ГРАН-ПРИ НА 56. ДЕТСКИ РАЦИНОВИ СРЕДБИ

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Гран-при наградата на 56. Детски Рацинови средби ја доби Ване Гавровски, ученик во деветто одделение од Ново Село, Струмичко. Тој и останатите учесници твореа на литературниот конкурс, но и на ликовниот и ораторскиот, на тема „Да му го земеш јазикот на еден народ – тоа значи да му ја земеш душата“.

„Жири комисијата за оратори, која беше составена од актери и режисер, кажа дека победникот бил уверлив и дека губат сите кои нема да го слушнат. Жири комисијата за литература велеше дека победничкото дело ежи, восхитува. Секоја чест за Ване и за неговиот ментор“, рече Анита Мирчевска, претседателката на организацискиот одбор на Детски Рацинови средби.

На литературниот конкурс биле пријавени 467 дела, при што првото место го поделија Бојан Љутков од ОУ „Блаже Конески“ во Велес и Лука Трајковски од ОУ „Кочо Рацин“ во Куманово. Кај средношколците, првото место го освои Давид Цветковски од СУГС „Панче Арсовски“ во Скопје.

На натпреварот за оратори првото место го освои средношколката Сара Агуш од СУГС „Шаиб Јусуф“ во Скопје.

На ликовниот конкурс победи Стефани Настова, трета година во гимназијата „Кочо Рацин“ во Велес, а кај основците Даниела Теова од ОУ „Васил Главинов” во Велес. На натпреварот за оратори првото место го освои средношколката Сара Агуш од СУГС „Шаиб Јусуф“ во Скопје.

Детските Рацинови средби беа дел од свеченостите за 9 Ноември – Денот на Општина Велес.

П. ПЕЧКОВ

(Фото: Ване Гавровски со Менче Андреева од одборот за доделување на наградите)