Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ од Велес обезбеди и испорача детска литература од македонски автори за децата од училиште во Мелбурн. Собрани се стотина наслови.
„Се спроведе активност за обезбедување детска литература од велешки и македонски автори за потребите на наставниците кои работат со дечињата кои го изучуваат македонскиот јазик во саботното училиште во Килор Деонс во Мелбурн. Во акцијата ни се приклучија деца со родители и ученици од различни возрасти. Искрено се надеваме дека едукативната детска литература ќе придонесе за полесно изучување на македонскиот јазик и ќе донесе нови познанства и другарства помеѓу децата од Велес и децата на нашите иселеници во Мелбурн“, кажа Соња Гаврилова, членка на клубот „Коста Солев Рацин“.
Акцијата е реализирана во соработка со библиотеката „Гоце Делчев“ од Велес и литературната асоцијација „Кочо Рацин“ од Мелбурн.
П. ПЕЧКОВ