ВО ГАЛИЧНИК ОТВОРЕНА ФОТОИЗЛОЖБА ЗА БАЛКАНСКИОТ РИС, ЌЕ ПАТУВА НИЗ МАКЕДОНИЈА

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Изложба со 21 фотографија од балкански рисови фотографирани во Македонија, Албанија и Косово, вчера (17 август) беше отворена во хотелот „Неда“ во Галичник, во организација на Македонското еколошко друштво (МЕД).

На изложбата говореше раководителот на Програмата за закрепнување на балканскиот рис, Диме Меловски, кој кажа дека денес во дивината се останати уште помалку од 50 единки од овој критично загрозен вид.

„Балканскиот рис е апекс-предатор, без природни непријатели во животинскиот свет. Неговиот најголем непријател е човекот – преку криволов или индиректно, преку уништување на шумите, со што се загрозува неговото живеалиште и се поттикнува неговото исчезнување“, велат од МЕД.

Изложбата ќе биде отворена до 31 август, влезот е бесплатен, а потоа ќе биде претставена и во други места низ Македонија.