ВО СКОПЈЕ СЕ ОТВОРА ИЗЛОЖБА НА УМЕТНИЦАТА ЃУРИЌ ИНСПИРИРАНА ОД БАЛКАНСКИОТ РИС

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Денеска (5 февруари) во културно-социјалниот простор „Центар Јадро“ во Скопје во 19 часот ќе биде отворена продажната изложба „Зора – Нејзината заборавена шума“ на визуелната уметница Драгослава Ѓуриќ, чии дела се инспирирани од теренската работа на тимот за закрепнување на балканскиот рис.

„Изложбата носи серија слики преку кои посетителите можат да влезат во балканската шума и да се запознаат со светот во кој младата балканска рисица Зора живее заедно со други видови како дел од еден меѓусебно поврзан екосистем“, велат од „Јадро“.

Дел од собраните средства ќе бидат наменети за поддршка на натамошната работа за закрепнување на балканскиот рис. Покрај сликите, ќе се изложат и избрани теренски фотографии и материјали направени од тимот на Програмата за закрепнување на балканскиот рис, преку која Македонското еколошко друштво веќе 20 години работи на зачувување на оваа кревка популација во нашата земја.

Во Скопје ќе трае до 12 февруари, по што ќе биде поставена во Косово, каде што исто така се спроведува Програмата за закрепнување на балканскиот рис.