ВО СРБИЈА ЌЕ МЕ ОБВИНУВААТ ДЕКА КАЖУВАМ ИЗМИСЛИЦИ ЗА АТОМСКАТА БОМБА, РЕЧЕ ДРАГАН БЈЕЛОГРЛИЌ ПО СКОПСКАТА ПРЕМИЕРА НА „ЧУВАРИ НА ФОРМУЛАТА“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

За својот нов филм „Чувари на формулата“, српскиот актер и режисер Драган Бјелогрлиќ вели дека човечката приказна и емпатијата која веќе ја нема кај луѓето е главната порака. Филмот за српски научници кои на крајот на 1950-ите во југословенскиот нуклеарен институт Винча се обиделе да направат атомска бомба и при експериментот се озрачиле сношти е награден за најдобар филм на скопсиот фестивал Киненова и беше прикажан на затворањето. Српската кинопремиера е во Белград на 24 октомври, а во Македонија од 9 ноември ќе биде на редовен репертоар во Синеплекс во Скопје.

„За тајниот проект на правењето на атомската бомба во Србија не се зборувало, секако и денес не се зборува. Премиерата на филмот во Белград е за неколку дена и јас само чекам да почнат да ме обвинуваат дека никогаш не сме работеле на атомската бомба и оти јас повторно нешто измислувам. Но, за мене бомбата беше само провокација да покажам дека формулата на смртта станува формула на животот. Луѓето кои работеле на нешто што е вооружување и смрт се соочиле со нешто што е живот. И да не биле тие експерименти, можеби професорот Мате не би направил трансплантација на коскена срж“, кажа Бјелогрлиќ по фестивалската премиера во Скопје.

Таа човечка емпатија за која зборувам која ја имаат донаторите на коскената срж во филмот, денес речиси и да ја нема, рече Бјелогрлиќ. (Фото: СМАРТ.СДК)

На прес-конференцијата, Бјелогрлиќ рече дека за темата на филмот размислувал неколку години откако ја прочитал книгата „Случајот Винча“ на Горан Милашиновиќ

„Тоа беше една површна информација која со години кружеше, па потоа во 1990-ите почнаа да се отвораат некои тајни документи и почна да се зборува за атомската бомба. Откако ќе се изгледа филмот, некои ќе речат дека тоа се случило, некои дека не се случило. Направивме една цела истрага, се видовме со некои доктори од болницата ‘Кири’ во Париз, каде што во филмот се лекуваат српските научници кои биле озрачени во експериментот“, кажа Бјелогрлиќ и додаде оти се сретнал со ќерката на професорот Мате, кој ја извршил првата трансплантација на коскената срж и поради необјасниви причини не добил Нобелова награда.

Бјелогрлиќ кажа дека жали што нема жив сведок на таа случка.

„Немавме никакви проблеми при снимањето нa филмот, освен моите политички проблеми во Србија. На почетокот не ми дозволија да снимаме во Винча, но откако им кажав дека можам да снимам и во Словенија, а луѓето потоа да се прашуваат зошто, ни дозволија“, кажа тој.

За неговата улога на тогашниот југословенски министер за внатрешни рабти и шеф на тајната служба Александар Лека Ранковиќ рече дека отсекогаш му било предизвик да игра контроверзни ликови и оти му било важно таа улога да биде едноставна.

„Таа човечка емпатија за која зборувам во филмот која ја имаат донаторите на коскената срж денес речиси и да ја нема, а дејствието сепак не се случило многу одамна, пред околу 65 години. Затоа сакав да ја нагласам таа верижна реакција, оти на крајот, човекот постои на овој свет за да му помогне на друг и да остави свет во кој другите ќе продолжат да живеат“, кажа Бјелогрлиќ.

„Чувари на формулата“, кој во Србија се нарекува „српски Опенхајмер“, е копродукција помеѓу „Кобра филм“ и „Тон филм“ од Србија, „Скопје филм студио“ од Македонија, „Перфо продукција“ од Словенија и „Битер фрејмс“ од Црна Гора, поддржани од националните фондови на овие земји и Еуримаж.

Бјелогрлиќ е и продуцент на филмот со Драган Шолак, а копродуценти се Мирослав Могоровиќ, Алеш Павлин, Андреј Штритоф, Томи Салковски, Ѓорѓе Војводиќ и Дејан Чакајац.

М. ЏАРОВСКА

(Фото: Киненова)