ЗА ДА ТРАЕ ПОДОЛГО, БОЖИЌНОТО ЦВЕЌЕ НЕ ТРЕБА ДА СЕ ПОЛЕВА СЕКОЈ ДЕН, ВЕЛАТ БРИТАНСКИТЕ ГРАДИНАРИ

Англија, (Би-Би-Си)

За многу луѓе, Божиќ не е вистински без божиќно цвеќе што ќе го разубави домот. Божиќното цвеќе или поинсетија потекнува од Јужна Америка и делови од Африка и го има на полиците во супермаркетите и градинарските центри во празничната сезона.

За некои, карактеристичните црвени растенија се тешки за одржување откако ќе се однесат дома. На расадниците им се потребни шест месеци за да одгледаат околу 25.000 божиќни цвеќиња секоја година.

„Мора да се однесувате кон нив како кон вашата сопруга, многу нежно и да ги задоволувате сите нивни потреби“, рече градинарот Данкан Тејлор.

Растенијата сакаат малку потопли температури од околу 15 степени и не треба да се чуваат над радијатор или на силно сонце. Препорачливо е да се полеваат само кога површината на компостот ќе почне да станува сува, на неколку дена.
Тие произведуваат млечно обоен сок кој може да ги иритира луѓето и домашните миленици. Британското хортикултурно друштво советува дека е најдобро да се избегнува допирање бидејќи може да предизвика иритација на кожата и очите.

Поинсетија потекнува од Јужна Америка и Африка и се смета дека станала популарно празнично собно растение благодарение на мексиканска легенда. Приказната вели дека едно девојче сакало да остави подарок за бебето Исус на божиќна служба во црква, но не можело да си дозволи да купи подарок, па оставило сноп плевел. Плевелот процветал во познатите црвени лисја, станувајќи синоним за шарената празнична сезона.

„Ќе ви треба малку среќа за вашето божиќно цвеќе да трае цели 12 месеци, а дури и тогаш, можеби нема да изгледа толку живописно следната година. Мислам дека најмногу што сум го чувал било до мај. И тогаш не беше мртво, само ми здосади“, рече Тејлор.

Списанието „Би-Би-Си Гарденс“ ги советува читателите да ги хранат поинсетиите со висока содржина на калиум, како што е храна за домати.

Фото: СМАРТ СДК,МК