ЖЕНСКИ АВТОРИ ВО ФОКУСОТ НА 5. ИЗДАНИЕ НА ФЕСТИВАЛОТ YES! ВО СКОПЈЕ, ТРАЕ ОД 20 ДО 26 НОЕМВРИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Утре (20 ноември) во 20 часот, во бистрото „Комедија“ во Скопје се отвора петтото издание на фестивалот YES! со промоција на првиот роман на драмската писателка Драгана Лукан Николоски, „11 проверени начини како да ја заебеш љубовта“. Фестивалот е во организација на издавачката куќа „Чудна шума“, а ќе се одржува до 26 ноември на повеќе локации низ Скопје.

„Во ова издание на YES фестивалот!, кое е во помал обем од пролетното, ставаме фокус на три авторки и особено сме горди што целиот фестивал е фокусиран на женските автори: македонската писателка и сценаристка Драгана Лукан Николоски, шведската авторка, илустраторка и уметница Ана Хоглунд и хрватската илустраторка Ванда Чижмек. Фестивалот е повторно поделен на два дела: програма за млади и возрасни, односно вечерна програма и детска програма“, велат од „Чудна шума“.

(Фото: Драгана Лукан Николоски и Билјана Црвенковска)