ДАНЦИТЕ СЕ СРЕЌНИ НА РАБОТА, МЕЃУСЕБНАТА ДОВЕРБА И ФЛЕКСИБИЛНОСТА НА РАБОТНОТО МЕСТО СЕ КЛУЧНИ ЗА ТАКВИОТ ОДНОС

Копенхаген, (Би-Би-Си)

Габриел Хоцес седумпати го повтори зборот доверба кога зборуваше за тоа како е да се работи во Данска.

Никој не се обидува да те микроуправува или да гледа преку твоето рамо. Шефовите не доаѓаат да проверат дали сте работеле осум или девет часа дневно, важно им е само дали сте ги завршиле вашите проекти. Во Данска има голема доверба во тој поглед и јас не чувствувам хиерархија во мојата работа. Сето тоа е многу демократско“, вели Хоцес, кој работи за технолошка фирма во Копенхаген.

За него не е изненадување што Данска е постојано меѓу првите пет земји во светот кога се рангира рамнотежата помеѓу работата и животот. Само 1,1% од Данците треба да работат 50 или повеќе часа неделно, според најновите глобални бројки на Организацијата за економска соработка и развој. Тоа е значително помал процент во однос на светскиот просек од 10,2%.

Данците се, всушност, среќни на работа. Речиси 60% од Данците велат дека би продолжиле да работат и доколку добијат на лотарија или станат финансиски независни“, вели Меик Викинг, авторот на книгата „Уметноста на данското живеење“.

Викинг споделува неколку политики кои помагаат да се создаде силна рамнотежа помеѓу работата и животот во Данска. Тие вклучуваат право на минимум пет недели платен годишен одмор годишно, покрај државните празници. Данска нуди и многу дарежливи шест месеци платено породилно и татковско отсуство.

Викинг е уште еден Данец кој го наведува концептот во кој шефовите имаат целосна доверба во своите вработени. Го истакна примерот со вработените во забавниот парк „Тиволи гарденс“ во Копенхаген, каде што го следат „правилото од три метри“.

Идејата е дека вие сте извршен директор на сè во радиус од три метри. Ако видите ѓубре во вашиот радиус од три метри, го собирате, а ако видите посетител кој бара нешто, застанувате и прашувате дали можете да му помогнете“, вели Викинг.

Тој додава дека кога вработените ќе го преземат сопствениот простор, тоа може да им помогне да се чувствуваат овластени и ценети, што многу придонесува за здраво чувство за нивното работно место.

Во Данска дефинитивно не постои работна култура каде што треба да се појавиш и да бидеш достапен цел ден, цела вечер, за да покажеш дека цело време работиш напорно. Наместо тоа, флексибилноста во текот на работниот ден им дава на вработените време што им е потребно, на пример, да ги земат своите деца од училиште или од дневен престој. Денот не мора официјално да заврши во 17 или 18 часот и тоа е привлечно за многумина Данци со деца“, кажа Џанин Лешке, професорка на Школото за бизнис во Копенхаген.

Опуштената лидерска политика им е позната на повеќето Данци.

Не мора да ме прашувате ако треба да заминете порано. Никој не ја злоупотребува мојата добрина“, кажа Каспер Роухман, извршен директор на технолошката фирма „Спаркфорс“.

(Фото: Гети)