Емпатијата треба да се развива и негува од мали нозе и во Данска се свесни за тоа веќе долго време. Таа е задолжителен предмет во наставата таму, при што децата еден час неделно учат како да им помагаат на своите школски другари и да се натпреваруваат со самите себеси.
Данска важи за една од најсреќните држави на светот, според Светскиот извештај за среќа на Обединетите нации. Во оваа скандинавска држава, децата учат за емпатија во школо од 1993 година на часот наречен Klassens tid.
Емпатијата помага во градењето на односите, спречувањето на врсничкото насилство и во успехот на работа. Се верува дека тинејџерите кои се емпатични ќе бидат поуспешни во животот зашто се повеќе насочени кон своите цели.
Klassens tid е задолжителен еден час неделно за сите ученици од шест до 16 години и дел од наставната програма во Данска. На овој час учениците разговараат за своите проблеми, а целиот клас, заедно со наставникот, се обидува да пронајде решение засновано на слушање и разбирање. Ако нема проблеми за кои би разговарале, учениците го поминуваат времето заедно во опуштање и уживање.
„Емпатијата се учи низ тимска работа. Фокусот не е на тоа да бидете подобар од другите, туку да им помагате на оние кои се помалку талентирани во нешто. Друг аспект е натпреварување со самиот себеси, не со другите. Данските школи не даваат трофеи и награди за поединечен успех во некој предмет или спорт за да не се создава меѓусебно натпреварување, туку се негува култура на мотивација“, вели Џесика Александер, американска авторка и психолог, која испитувала на терен како Данците учат за емпатија.
Таа додава дека Данците оставаат многу простор за слободна игра на децата и играње во природа.
„Данските деца од мали нозе учат дека не може да се успее самостојно и дека помагањето на други води до подобри резултати. Дете кое е природно талентирано за математика, а не соработува со своите врсници нема да стигне далеку. Ќе му биде потребна помош во други предмети. Тоа е лекција што треба да им се пренесе на децата од рана возраст“, кажа Александер.
(Фото: Шатерсток)