КиВа – ИНОВАТИВНА ПРОГРАМА СО КОЈА ФИНСКА ГО ИСКОРЕНИ ВРСНИЧКОТО МАЛТРЕТИРАЊЕ

Хелсинки, (Си-Ен-Ен)

Финска за неколку години успеа да го искорени врсничкото малтретирање благодарение на иновативната програма КиВа (KiVa), заснована врз истражувањето и доказите за спречување агресија и запирање на вознемирувањето во и вон училиштата. Оваа програма промовира лична добросостојба и образование, нуди соодветни алатки против малтретирање и вознемирување и врши постојано следење на ситуацијата во училиштето.

Програмата настанала на Универзитетот во Турку во 2007, а ја реализираат експерти од министерството за образование и култура. Дури 90% од финските училишта ја користат, а веќе почна да се применува и во Белгија, Шведска, Естонија, Велика Британија, Нов Зеланд и Шпанија.

КиВа е научно докажана со бројни студии, а професионалците кои ја спроведуваат мора да бидат специјално обучени. Се фокусира на намалувањето, спречувањето и контролата на вознемирувањето помеѓу учениците од кој било вид, па така и преку интернет. Клучниот аспект на програмата е што се фокусира на очевидците и набљудувачите, а не исклучиво на жртвите.

„КиВа се обидува да ги промени правилата кои владеат во група, чиј дел се и оние кои не вознемируваат, но набљудуваат и се смеат. Низ таа невербална комуникација тие пренесуваат порака дека она што се случува е добро и забавно“, вели Кристина Салмивали, еден од креаторите на програмата.

Целта е групата да сфати дека вознемирувањето не е забавно, не треба да се толерира и не треба да се заземе пасивен и неутрален став. Групата треба да даде поддршка и да ја заштити жртвата.

Една студија покажа дека КиВа ги намалува малтретирањето и виктимизацијата и ги зголемува мотивацијата и образовните достигнувања, а 98% од жртвите рекле дека по интервенцијата, ситуацијата им се подобрила. Податоците од 1.000 фински школи покажаа дека врсничкото малтретирање и вознемирување значајно биле намалени уште во првата година од спроведувањето на програмата.