Менталната благосостојба на децата е тесно поврзана со храната што секојдневно им се дава, вели ново истражување кое фрла светлина врз клучната улога на здравата исхрана од најрана возраст. Според истражувањето што го спроведе Универзитетот на Ист Англија, кое опфати 9.000 британски деца, менталното здравје на постарите училишни деца се подобрува ако имаат квалитетни појадок и ручек.
„Исхраната можеби уште повеќе влијае врз менталната благосостојба на децата од гледањето како родителите се караат или тепаат“, вели Алиса Велч, која го водеше истражувањето.
Според него, децата кои не појадуваат имаат послаба ментална благосостојба, додека децата кои јаделе пет или повеќе порции овошје и зеленчук на ден покажале најдобри резултати на тестирањето.
„И додека врската помеѓу исхраната и физичкото здравје е веќе потврдена, досега малку се знаеше за тоа каква улога има исхраната во емоционалната благосостојба на децата“, вели Велч.
Здравствените експерти нагласуваат дека сите, не само децата, би требало да јадат пет порции овошје или зеленчук на ден.
Според студијата, шестгодишно дете треба да јаде 230 грама зеленчук и 210 грама овошје на ден, а на возраст од 13 години, девојчињата треба да јадат 320 грама зеленчук и 300 грама овошје, а момчињата 390 грама зеленчук и 360 грама овошје на ден, без разлика дали е сирово или готвено.