МАНДАРИНИТЕ ПОМАГААТ ЗА ПОЗДРАВА КОЖА И ЗА ПОДОБРО ВАРЕЊЕ НА ХРАНАТА

САД, (Хелтлајн)

Иако се мали, мандарините се многу хранливи. Една мандарина има околу 35 калории и 36 милиграми витамин Ц.

Овој витамин му помага на имунолошкиот систем поефикасно да се справи со инфекциите, учествува во одбраната на телото и ги штити ткивата од оштетување. Истражувањата велат дека редовното внесување витамин Ц може да го скрати времетраењето на симптомите на настинка и грип.

Покрај имунитетот, витаминот Ц е важен и за колагенот, протеин кој ѝ дава на кожата цврстина и еластичност. Мандарините помагаат во смирување на црвенилото и воспалението на кожата, што е добро за оние кои имаат проблеми со акни. А, бидејќи се многу сочни и богати со вода, тие исто така придонесуваат за хидратација.

Една мандарина има околу еден грам влакна, што не е огромна количина, но ако јадете две или три во текот на денот, ќе го забележите тоа. Влакната помагаат во варењето на храната и здравјето на цревата и даваат чувство на ситост подолго време, па затоа можат да бидат корисни ако внимавате на вашата исхрана.

Една студија од 2025 година вели дека ако јадеме цитрусни овошја секој ден, околу 20 проценти е помал ризикот од депресија.