Одењето 7.000 чекори дневно може да биде доволно за да ја зголеми вашата мозочна моќ и да помогне во заштитата од низа болести, сугерира нова голема студија. Тоа може да биде пореална цел од 10.000 чекори, што често се смета за репер што треба да се достигне.
Истражувањето објавено во „Лансет“ откри дека бројката е поврзана со намален ризик од сериозни здравствени проблеми, вклучувајќи рак, деменција и срцеви заболувања. Наодите би можеле да охрабрат повеќе луѓе да ги следат своите чекори како практичен начин за подобрување на своето здравје, велат истражувачите.
„Имаме перцепција дека треба да правиме 10.000 чекори дневно, но тоа не е засновано на докази“, вели водечката авторка на студијата Мелоди Динг.
Бројката од 10.000 чекори датира од маркетиншка кампања од 1960-тите во Јапонија. Во пресрет на Олимписките игри во Токио во 1964 беше лансиран педометар наречен „ manpo-kei“, што се преведува како „метар од 10.000 чекори“.
„Оваа бројка била извадена од контекст и станала неофицијално упатство, што многумина фитнес тракери и апликации продолжуваат да го препорачуваат“, рече Динг.
Студијата на „Лансет“ анализирала претходни истражувања и податоци за здравјето и активноста на повеќе од 160.000 возрасни лица низ целиот свет. Во споредба со оние кои оделе 2.000 чекори дневно, било откриено дека 7.000 чекори се поврзани со намален ризик од кардиоваскуларни заболувања (за 25%), рак (6%), деменција (38%) и депресија (22%).
Генерално, студијата сугерира дека дури и скромниот број од околу 4.000 чекори дневно придонесува за подобро здравје во споредба со ниската активност од само 2.000 чекори дневно.
„Иако 10.000 чекори е соодветна цел за оние кои се поактивни, целта од 5.000 до 7.000 може да биде пореална и поостварлива за другите“, додаде Динг.
Фото: СДК.МК