Австриско-словенечката фирма „Саубмахер“, која стопанисува со комуналниот отпад во Тетово, започна да го реализира пилот-проектот со кој на неколку локации во градот се поставени канти во три бои наменети за селектирање на отпадот. Ова е првпат во Тетово да се започне со селектирање на отпадот.
Од фирмата „Саубмахер“, која од минатата година работи врз основа на јавно-приватно партнерство со Општина Тетово, велат дека ова е само прва фаза од реализацијата на овој проект и дека селектирањето на отпадот, односно поставувањето на вакви канти ќе се прошири и на други делови од градот.
„Оваа иницијатива претставува чекор кон промена на начинот на кој го третираме отпадот и ја штитиме нашата животна средина. На повеќе јавни локации во населбата Тетовчанка се поставени 19 садови со запремнина од 1,1 кубен метар во различни бои, според нивната намена: жолта за пластика, сина за хартија и зелена за мешан комунален отпад. Во наредните денови ќе се изврши дистрибуција на контејнери на уште 10 локации. Покрај ова, за 205 индивидуални домаќинства во населбата Тетовчанка се предвидени 120 литарски канти за смет, исто така во три бои“, соопштија од „Саубмахер“.
З. АНДОНОВ