БЕЗБЕДНО Е ДА СЕ НОСИ МАСКА ПРИ НАПОРНО ВЕЖБАЊЕ, ВЕЛАТ ИТАЛИЈАНСКИ НАУЧНИЦИ

Милано, (Гардијан)

Заштитна маска може безбедно да се носи при напорно вежбање и така може да го намали ширењето на коронавирусот во теретани, покажа ново истражување.

Научниците од Милано ги тестирале дишењето, срцебиењето, крвниот притисок и нивото на кислород кај група мажи и жени кои вежбале на велосипед со и без маска. Со маска на лицето, нивната способност да изведуваат напорни вежби била помала за само 10%, што веројатно се должи на тоа што им било нешто потешко да дишат, се вели во извештајот објавен во Европскиот респираторен журнал.

„Намалувањето е благо и, она што е важно, не сугерира дека здрави луѓе се во ризик ако вежбаат со маска, дури и кога вежбаат со најголем капацитет“, изјави д-р Масимо Мапели, кардиолог од Кардиолошкиот центар „Монцино“ во Милано.

Тие велат дека се потребни дополнителни тестирања за да се утврди дали истото важи и за лицата со одредени срцеви или белодробни состојби.