Во летно време, пиењето вода треба да е континуиран процес, не треба да се чека ожеднување или момент на влошување на здравствената состојба за да се внесе вода, вели Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) за најавените високи температури.
Според Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), во периодот од 20 до 26 јули се очекува значително зголемување на дневните температури, кои во одделни региони можат да достигнат и до 42 Целзиусови степени.
Од ИЈЗ велат дека соодветен внес на вода во телото за возрасни со просечна тежина од околу 70 килограми е околу два литри. Меѓутоа, човечкото тело некогаш може да има потреба од повеќе вода, па за да има нормално функционирање на телото треба соодветно надополнување. При топло време, препорачливо е внесот на водата да ја надмине оваа количина. Исто така, многу е важен рамномерниот внес на течности во тек на целиот ден, а не тоа да се прави само во одреден временски период.
- Во тек на топло време клучно е да се избегнат пијалаци што содржат висока количина кофеин (чај, кафе), шеќер (засладени безалкохолни пијалаци) и алкохол. Овие течности, по нивните диуретични својства, овозможуваат организмот да изгуби поголема количина на течности, а со тоа претставуваат потенцијална опасност за дехидрација.
- Работниците на отворено на секои половина час треба да пијат најмалку половина чаша вода.
- Вежбајте во раните утрински часови, најдоцна до девет часот и попладне после 18 часот.
- Облечете се соодветно.
- Вашето тело се лади со потење, но ладењето е потешко во влажни услови (временски услови, несоодветна облека, интензивен напор) бидејќи потта не испарува толку брзо од кожата. Отчукувањата на срцето се зголемуваат додека телото работи напорно да ја одржи кожата ладна.
- Облеката да биде широка и со светла боја, да биде памучна, а не од синтетски материјали. Носете очила за сонце доколку сте на отворено и нанесете крема за сончање на сите видливи делови на телото најмалку 30 минути пред да се изложите на сонце.
- Дневно може да изгубите и по неколку литри вода, па во текот на вежбањето или друга физичка актиност носете со вас неколку литри вода.
Фото: К. Попов