50 ГОДИНИ ОД СМРТТА НА БРУС ЛИ – МАЈСТОР НА БОРЕЧКИ ВЕШТИНИ И ЗАНЕМАРЕН ФИЛОЗОФ

Берлин, (Дојче веле)

„Испразни го умот, биди безобличен како вода“.

Најпознатиот цитат на кунг фу мајсторот и актер Брус Ли не е само совет за идните борци како вешто да ги избегнуваат противниците, туку е и филозофски начин на пристапување кон светот. Филозофската книга „Брус Ли: Уметник на животот“ содржи вреден увид во неговиот мир и овој аспект од животот на Ли често се заборава кога се зборува за неговото наследство.

Фановите оваа недела ја одбележуваат 50-годишнината од смртта на Ли, кој почина на 20 јули 1973 од алергиска реакција на лек против болка.

Ли е роден во Сан Франциско во 1940, но најголем дел од детството го поминал во Хонгконг, каде што почнал да глуми уште како дете. Како тинејџер почнал да тренира бокс, танц и винг чун, форма на концептуален кунг фу. Откако на 18 години се вратил во САД за да студира, учел и други боречки вештини и развил сосема нова форма – џет кун до.

Фанови му оддаваат почит на Брус Ли пред неговата статуа во Хонгконг (Фото: АП)

Во исто време, се појавил во неколку филмови и серии, главно во мали улоги поврзани со боречки вештини. Дури по враќањето во Хонгконг почнал да добива главни улоги. Почина кога беше на врвот на славата, а неговите последни филмови „Патот на змејот“ и „Во змејското гнездо“ станаа холивудски хитови.

Наспроти филмската кариера, филозофските начела што Ли ги развил во краткиот живот привлекуваа помалку внимание. Џет кун до ги спојува овие два дела од неговиот живот.

„Техниките и филозофиите на џет кун до можат да се применат како во вистинска борба, така и во предизвикувачки животни ситуации. Џет кун до се состои од физички техники и применети филозофии и бара од поединецот да се обучи во најкултивираната состојба на своето постоење“, стои на сајтот на фондацијата „Брус Ли“.

Друг важен дел од наследството на Ли е она што го направи за азиските актери во Холивуд, каде што се бореше против расистичкото прикажување на Азијците во филмовите.