Балерините од Македонската опера и балет ги донираа своите шпиц патики за да се изработи новогодишна елка, која е поставена во фоајето.

Идејата за празничната елка ја дала балерината Наташа Јосифовска, по што Балетот се организирал и добил плус 30 пара шпиц патики и балетска пачка од светски познатата компанија за балетска опрема „Гришко“, која има фабрика во Демир Хисар.

Елката е изработена од шпиц патиките на балерините во македонскиот Балет, плус 30 пара, кои ги добиле како подарок од “Гришко“ (Фото: Е. Петров)

Уметничката директорка на Балетот, Олга Панго, ни рече дека елката е изработена од дрво од сценографот во МОБ, Сашо Стојановски, а потоа сите заедно ја украсувале.

„Ова ни е прва година и е супер идеја, а в година ќе се усовршиме“, се смее Панго.

Ветуваат дека следната година елката ќе биде уште поубава (Фото: Е. Петров)

Со вечерашната изведба на балетот „Клеопатра“, МОБ ја завршува оваа година, а следниот настан е на 12 јануари, кога е традиционалниот Василичарски концерт.

Б. НЕСТОРОСКА